Роуз и Фармар побрзи од сирената

 

Актуелниот МВП на НБА лигата со своите поени во последната секунда му донесе победа на Чикаго кај Милвоки од 106:104.  Идентичен финиш и во Њу Џерси со Џордан Фармар во главната улога. Лејкерси изненадени во Вашингтон.
 
Кога се решава победникот во финишот на средбата Дерик Роуз обично оди на влез со цел да ја искористи својата брзина и експлозивност. Сепак, тоа не беше случај во Милвоки, каде Булси славеа со 106:104 со поените токму на Роуз со звукот на сирената. Поени постигнати со шут преку немоќниот Брендон Џенингс.
 
Со тие свои поени актуелниот МВП на НБА лигата стави точка на одличната партија од 30 поени, осум скокови и 11 асистенции за осма победа едноподруго на Чикаго. Џоаким Ноа со 20 поени и десет скокови го следеше Роуз, А Карлос Бузер додаде 15 поени за гостите.
Личниот рекорд на Ерсан Илјасова од 32 поени и десет скокови и сезонскиот рекорд на Дру Гуден од 27 поени не им помогнаа на Бакси да остварат победа над локалниот ривал, иако се надеваа до последен момент дека ќе изборат продолжение.
 
Неизвесен финиш имаше и во Њу Џерси каде Џордан Фармар со тројка на 0.2 секунди до крајот им донесе победа на Нетси од 101:100. Лидер на Нетси беше Дерон Вилијамс со своите 21 поен и десет асистенции, од кои последната токму до меч-винерот Фармар.
Маршон Брукс додаде 19, а Фармар 16 поени за Нетси, за кои ова е само 13-та победа сезонава. Кај Клиперси прв стрелец беше Блејк Грифин со 28 поени и 17 скокови, следен од Ренди Фој и неговите 24 поени. Крис Пол застана на 22 поени и десет асистенции.
 
Изненадувањето на вечерта го направи Вашингтон, кој на свој терен славеше со 106:101 над Лејкерси, иако гостите во еден момент имаа и предност од 21 поен. Иако нивниот прв играч Џон Вол имаше лоша вечер, завршувајќи ја средбата со само четири поени, Ник Јанг со 19 поени од клупата и личниот рекорд на Тревор Букер од 18 поени и 17 скокови.
 
Коби Брајант со 30 поени и Пау Гасол и Ендрју Бајнам со по 19 поени не можеа да го спречат вториот пораз во низа на Лејкерси.
 
Резултати:
Вашингтон - Лејкерс 106:101
Торонто - Хјустон 116:98
Шарлот - Јута 93:99
Филаделфија - Бостон 103:71
Мајами - Атланта 89:86
Њу Џерси - Клиперс 101:100
Оклахома Сити - Феникс 115:104
Минесота - Портланд 106:94
Милвоки - Чикаго 104:106
Сан Антонио - Њујорк 118:105
Г.Стејт - Мемфис 92:110
Сакраменто - Њу Орлеанс 99:98
Денвер - Кливленд 99:100